Раководството на ВМРО-ДПМНЕ покажува огромна нервоза и безочно лаже, рече вечерва на прес-конференција во Собранието, пратеникот од СДСМ, Костадин Костадинов.
„Најостро ги демантираме изнесените лаги дека претставници од мнозинството вршеле некаков притисок или на кој било пратеник му се нудени пари или дека некој му се заканувал или ги уценувал. За изнесените невистини ќе поднесеме и соодветни тужби до надлежните служби“, рече Костадинов, додавајќи дека тие „лаги“ ќе требало да ги докажат пред суд.
Претходно генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ Игор Јанушев на прес-конференција во партиското седиште рече дека денеска се случувала вистинска драма во Собранието во која структури на власта и како што рече структури кои одработувале за оваа власт вршеле „жестоки уцени, закани и притисоци“ врз пратениците од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата За подобра Македонија.
„На еден пратеник му се еден понудени еден милион евра за да гласа за договорот, истите се одбиени. На друг пратеник му се понудени два милиона евра, на трет 250 илјади евра. Сето ова одбиено бидејќи достоинството нема цена“, рече Јанушев.