Генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Игор Јанушев, вечерва на прес-конференција во партиското седиште, рече дека денеска се случувала вистинска драма во Собранието во која структури на власта и, како што рече, структури кои одработувале за оваа власт, вршеле „жестоки уцени, закани и притисоци“ врз пратениците од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата За подобра Македонија.
Собранието на Република Македонија се претвори во пазар и арена на притисоци, закани и уцени во замена за поддршка на Договорот со Грција, рече Јанушев.
„На еден пратеник му се еден понудени еден милион евра за да гласа за договорот, истите се одбиени. На друг пратеник му се понудени два милиона евра, на трет 250 илјади евра. Сето ова одбиено бидејќи достоинството нема цена“, рече Јанушев.
Тој побара и јавното обвинителство да отвори истрага, но на новинарски прашања дали пратениците се подготвени да сведочат пред обвинителството за овие тврдења, тој не одговори.
На друго новинарско прашање, пак, дали пратениците на ВМРО-ДПМНЕ ќе учествуваат на продолжението на собраниската седница за уставните измени, рече дека ќе присуствуваат и додаде дека немаат информација дека пратеници од нивната коалиција ќе гласаат за пристапување кон уставни измени.