Почнаа преговорите со НАТО, Русија протестира, Трамп се закани дека ќе донесе војска на границата со Мексико...

МАКЕДОНИЈА - По почетокот на пристапните преговори за членство на Македонија во НАТО, Оана Лунгеску, портпаролката на генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг, изјави дека овој настан е важен чекор за Македонија и оти земјата сега има историска можност да стане дел од евроатлантското семејство ако се имплементира Договорот со Грција. Неколку часови подоцна се огласи и руското МНР од каде, според агенцијата ТАСС, соопштија дека со сила се сака да се внесе Македонија во НАТО и дека во моментов се случувало најгрубо мешање во внатрешните работи на Скопје.

МАКЕДОНИЈА - Премиерите на Македонија и Грција, Зоран Заев и Алексис Ципрас телефонски разговарале по оставката на Никос Коѕијас, соопшти портпаролот на грчката Влада и министер без ресор Димитрис Ѕанакопулос за грчките медиуми. Двајцата премиери потврдиле дека процесот за реализација на Договорот од Преспа продолжува.

МАКЕДОНИЈА / САД - САД ги поттикнуваат лидерите во македонското Собрание да ги надминат партиските политики и да ја искористат историската можност за подобра иднина на земјата, вели претставник од Стејт департментот во изјава за грчката новинска агенција АНА - МПА.

МАКЕДОНИЈА - Националниот координатор за НАТО, Стево Пендаровски, по првата рунда пристапни преговори за членство во НАТО, изјави дека е пресметана стапката на македонскиот придонес во буџетот за НАТО, откако таа ќе стане членка на Алијансата. Според Пендаровски, учеството на Македонија во буџетот на НАТО според неконечните пресметки не би требало да биде поголемо од 600-700 илјади евра.

РУСИЈА - Рускиот претседател Владимир Путин изјави дека трагедијата на Политехничкиот колеџ во кримскиот град Керч, помеѓу другото, е резултат на глобализацијата преку социјалните мрежи и интернетот, каде има многу штетни содржини за младите луѓе.

САД - Американскиот претседател Доналд Трамп се закани со затворање на границата на САД кон Мексико, објавија светските новински агенции. Заканата на Трамп доаѓа во време кога илјадници мигранти се движат низ Средна Америка кон север, со надеж дека ќе успеат да стигнат до САД.

АВГАНИСТАН - Во бомбашки напад на Талибанците кој целел конвој на НАТО во близина на авганистанскиот главен град Кабул, убиени се најмалку двајца цивили и ранети се неколку војници на алијансата, соопштија претставници на НАТО и Авганистан.

ТУРЦИЈА - Турските истражители по втор пат го претресоа саудискиот конзулат во Истанбул, како дел од истрагата за исчезнатиот новинар Џамал Кашоги.

БЕЛГИЈА - Претседателот на Европскиот парламент Антониo Тајани изјави дека британската премиерка Тереза Меј, во последното обраќање до лидерите на Европската унија не изнела нови предлози за Брегзит.