„Титаник“: прислушувани разговори за изборите во 2013

Архива: поранешниот премиер Никола Груевски доаѓа во Кривичниот суд во Скопје на судењето за случајот Титаник

На денешното рочиште за предметот на СЈО „Титаник“ беа пуштени околу 90 прислушувани разговори, а судењето беше прекинато по барање на обвинетиот Илија Димовски за да може да присуствува на седница на собраниска комисија. Судењето продолжува на 24 октомври.

Во предметот предложени се повеќе од 1.000 аудио снимки, а најголем дел од прислушуваните разговори на денешното рочиште беа од 24 март 2013 година, за тогашните локални избори. Во некои од разговорите можеше да се слушне како поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески се јавува на луѓе и им кажува „да притискаат повеќе, да се работи во кол центрите, да истураат повеќе луѓе каде се послаби“, но и кога „да престанат со јавување и сите луѓе да ги изнесат, да одат од врата на врата.“

Јанакиески освен со претседатели на месни комитети и пониски членови на партијата, разговара и со поранешниот премиер Никола Груевски, како и поранешните министри Никола Тодоров, Антонио Милошоски, Гордана Јанкулоска, но и со Амди Бајрам и Драган Павловиќ Латас.

Во разговор со Јанкулоска, Јанакиески вели дека во 4:00 и 4:30 доаѓаат два авиони Албанци во Охрид и двајцата разговараат како да ги спречат да гласаат „дали да го задржат некако авионот да врти пред да слета, дали скалите за симнување да се наместат подоцна или пак да се направи некоја сообраќајка, да се преврти трактор за да не може да ги земат со коли.“

Во предметот „Титаник“ обвинети се поранешниот премиер Никола Груевски и останати поранешни функционери на ВМРО-ДПМНЕ како Кирил Божиновски, Миле Јанакиески, Гордана Јанкулоска, Билјана Бришкоска Бошковски, Илија Димовски и други.

Тие се осомничени за злосторничко здружување, повреда на избирачкото право, повреда на слободата на определување на избирачите, поткуп при избори и гласање, уништување изборен материјал и злоупотреба на средства за за финансирање изборна кампања.