Заев: во Македонија има премногу поделби, треба да си простиме

Архива: седница на Собрание на РМ за уставни измени.

Секогаш сум бил за дијалог и изнаоѓање на решенија преку разговор, има премногу поделби во Македонија и сите знаеме дека треба да си простиме, изјави премиерот Зоран Заев на собраниската седница за промена на Уставот на прашање на пратеникот Крсто Јовановски од ВМРО-ДПМНЕ кој предложи лидерите на двете најголеми партии да донесат решение за иднината на државата.

„Апсолутно не ми паѓа на памет да влијаам врз институции или судовите“, рече Заев. Тој додаде дека името на државата не се менува, туку само се дополнува.

„Граѓаните на парламентарни избори го предаваат својот легитимитет на пратенциите за тие да носат одлуки. За прашањето за името и договорот од Грција одлучивме да го вратиме легитимитетот и да го прашавме нашиот народ. Граѓаните што одлучија, излегоа на референдум, а оние кои не сакаа да одлучат, останаа дома. Македонија мора понатаму да донесе одлука“, рече Заев.

Пратеникот Јовановски се изјасни дека ќе гласа против измени на Уставот бидејќи како што посочи меѓу другото не верува во она што е напишано во спогодбата од Преспа, а и на референдумот не бил исполнет еден од условите.

„Немојте господине Заев сите овие пратеници да ги туркате да притиснат копче за кое не дале заклетва“, рече Јовановски.

Во текот на денешната расправа, пратеникот Сурија Рашити од Алијанса за Албанците рече дека како партија ќе ја поддржат интеграцијата на Македонија во НАТО, но оти нема да се откажат и од тоа албанскиот народ да биде рамноправен.