ЕУ одобри нов режим на санкции за употреба на хемиско оружје

Знаме не Европската унија.

Министрите за надворешни работи на Европската унија одобрија нов режим на санкции, кој ќе таргетира луѓе во целиот свет кои користат хемиско оружје. Денешната одлука ќе и овозможи на ЕУ да наметне замрзнување на средства и забрани за издавање на визи на лица и субјекти за употреба на хемиско оружје, без оглед на нивната националност и местоположба.

Лица и ентитети од ЕУ исто така нема да смеат да ставаат на располагање средства за оние кои ќе бидат ставени на листата.

Потегот следува по употребата на хемиско оружје во конфликтот во Сирија и по труењето на поранешниот руски шпион Сергеј Скрипал во Велика Британија, за кое Лондон ја обвинува руската влада. Москва отфрла вклученост во инцидентот. Во тек е работата околу ставањето на лица на листата.