По референдумот за името и во период на калкулации за понатамошното реализирање на Договорот од Преспа и македонското зачленување во НАТО и ЕУ, руските обиди за влијание на Балканот и во Македонија остануваат, со една намера - спречување на ширењето на НАТО и ЕУ кон нејзините граници со примање нови западно-ориентирани држави, предупредуваат странски и домашни експерти, политичари и независни експертски организации. Дел од аналитичарите велат дека Москва ќе се обиде да го оствари тоа преку разгорување на постоечките политички тензии, а некои политичари од регионот предупредуваат дека Кремљ е подготвен и за дестабилизирње на Балканот, а со тоа и на Македонија.
Искористување и зголемување на постоечките тензии
„Стратешката цел на Русија не е да се наметне власта над Балканот, туку да се искористат и зголемат постоечките тензии. Во руски очи, пристапот на ЕУ кон Западен Балкан не е ниту сериозен, ниту систематски, и така Москва нуди можности да создаде потпора“, се вели во најновиот извештај на Европскиот совет за надворешни односи.
Руските сојузници на Балканот активно сееја недоверба во западните демократии, велат аналитичарите од Советот, презентирајќи ги Вашингтон и Брисел како „непријатели кои сакаат да им ги уништат идентитетот и националната гордост на земјите, притискајќи ги за интеграција“.
Јовановиќ: Русија сака нестабилен Балкан
Претседателот на српската Либерално-демократска партија, Чедомир Јовановиќ, пак, вели дека Москва има посуров план за Балканот. Според него, на Кремљ му треба нестабилен Балкан и топовско месо.
„Зошто на Путин му пречи мирот во Македонија, што сте направиле толку лошо? Зошто е проблем да ѝ се овозможи на Србија да се трансформира, зошто Србија не може во НАТО. На тој начин Русија смета дека трајно се стабилизира Балканот, сè си доаѓа на свое место, а ние сме топовско месо и така планираат да остане во иднина, според нив, добро би ни дошло една балканска војна, секому по малку“, изјави Јовановиќ во интервју за агенцијата Макфакс.
На линијата дека Москва сака да биде камен во запчаникот на македонските евроатлантски интеграции е и извршната директорка на „Европскиот фонд за Балканот“, Хедвиг Морваи, која веќе неколку месеци на назад предупредува на засилени акции од Кремљ.
„Мислам дека Русија порано едноставно го попречуваше процесот, а сега тоа е еден посериозен пристап дури и да се запре вистинското и суштинското приближување на регионот до ЕУ и до НАТО“, изјави Морваи за РСЕ.
По референдумот за името во Македонија, Русија уште еднаш поентираше против Западот, коментираше пред неколку дена британскиот весник Гардијан. Чиј ќе биде следниот поен останува да видиме пред и по настаните кои следуваат, а кои, предупредуваат експертите, се уште една можност за Кремљ ако Македонија не се држи до своите евроатлантски определби за кои сите партии во државата јасно и јавно се определија.