Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во видео обраќање побара од премиерот Зоран Заев и неговата Влада да си заминат од власт, обвинувајќи ги за, како што рече, целата општествена, економска и политичка криза во која влегува Македонија.
„Се работи за влада со изгубен легитимитет, влада која година ипол буквално не испорача ниту еден резултат. Договорот со Грција е параванот зад која се одвива грабежот на деценијата. Кризата не е пречка да продолжат тендерите за луѓето од власта, да се случуваат крвави тендери во здравството, криминални иновации, трагикомични тендери за лубриканти, а во исто време болните чекаат за инсулин во болниците, а во операционите сали нема ниту завој за преврска“, вели Христијан Мицкоски.
Тој уште еднаш потсети дека Владата, Собранието и секој еден пратеник ја има одговорноста да работи и дејствува согласно волјата на народот. А волјата на народот е јасна и недвосмилено изразена на референдумот.
„ВМРО-ДПМНЕ е против овој договор и така ќе остане. Изворот на кризата која сега се случува не е отфрлениот договор со Грција, не е ниту пропаднатиот референдум, туку самата власт и Зоран Заев кои мора да си одат за да Македонија победи. А ве уверувам, со силата на народот, заедничката мудрост и одлучност Македонија ќе победи, и сите заедно ќе се избориме за стабилност, европска иднина и сочувано достоинство“, изјави Мицкоски.