Пенс до Заев: САД ја споделуваат вашата посветеност, сметајте на мојата поддршка

Потпретседателот на САД, Мајкл Пенс испрати писмо до премиерот Зоран Заев во кое му изразува уверување за неговата континуирана поддршка во овој важен момент за земјата. Во писмото, како што соопшти владината прес служба, потпретседателот Пенс пишува дека му претставувало чест да се сретне со премиерот Заев на 20 септември во Белата куќа во Вашингтон и дека ја цени можноста заеднички да разговараат за спроведувањето на историскиот договор од Преспа со Грција. Во своето писмо потпретседателот Пенс ја истакнува неговата благодарност за покажаното лидерство во постигнувањето на договорот и нагласува дека 90 отсто од оние што гласаа на референдумот го одобрија договорот од Преспа и со тоа ја потврдија огромната посветеност за европската иднина на Македонија.

„САД ја споделуваат вашата посветеност за поголема сигурност и стабилност на регионот. Бидете уверени во мојата континуирана поддршка во овој важен момент за вашата земја“, пишува потпретседателот на САД, Пенс, во своето писмо до премиерот Заев, и истакнува дека во наредниот период очекува натамошно јакнење на пријателството меѓу двете земји.