Специјалното јавно обвинителство отвори нова истрага со кодно име „Поштенска банка“. Станува збор за финансиска истрага, во рамки на која, три од осомничените девет лица се приведени пред судија на претходна постапка при Основниот суд Скопје 1, соопшти СЈО.
„Истрагата опфаќа повеќе поврзани настани за сторени кривични дела – Перење пари и други приноси од казниво дело и со неа се опфатени девет лица и тоа: Коле Смилевски, Томе Главчев, Ратко Димитровски, Викица Поповски, Гкеорги Каратолис, Кирил Јаневски, Зоранчо Митровски, Ристо Милев и Златко Ѓорчев. Од извршените кривични дела сторени во временскиот период од 2001 до 2010 година била прибавена имотна корист во износ од околу 5 милиони евра“, стои во соопштението од СЈО.
Според соопштението на СЈО, Љубчо Георгиевски, како претседател на Владата во 2001 година, Марјан Ѓорчев како вицепремиер и Никола Груевски како министер за финансии, биле во, како што соопшти СЈО, „организатори на злосторничкото здружување“, не можат да бидат гонети бидејќи настапила застареност на кривичното дело „Злоупотреба на службената положба и овластувње“ во овој случај.