Со 200 евра плата младите не се задржуваат во Македонија

Илустрација

Повеќе од половина од младите во Македонија се невработени, а голем дел од нив сонуваат да ја напуштат земјава. Со 200 евра не може да платиме кирија, а не па да живееме, велат дел од нив.

Македонија се бори да ги задржи младите во земјата и да создаде подобри услови и перспектива, но нема стратегија за враќање на веќе иселените. Најголем проблем за младите и натаму претставува невработеноста, а тоа го покажуваат и бројките на Државниот завод за статистика. Според анкетата за работната сила од 2017 година, во Македонија имало над 114 илјади невработени млади на возраст од 15 до 35 години или нешто повеќе од 50 проценти од вкупната бројка на невработени лица во земјата. Најголема невработеност од 42 илјади лица има кај младите на возраст од 25 до 29 години.

Дваесет и едно годишната Флора Јусуфи од Куманово вели дека по завршување на студиите планира да замине во странство, бидејќи во нејзиниот град и во земјата нема доволно добри услови за живот на младите.

„Студирам европски студии и сакам што побрзо да научам германски јазик и после тоа да одам да живеам некаде во странство“, вели таа.

Според 29-годишниот Денис Жантевски, добра перспектива има само за младите кои работат во ИТ секторот. Најголем проблем за младите, според него, се ниските примања во земјата.

„Мислам дека поради ниските плати. Ако видиме дека кирија е 150-200 евра е кирија, а 200 евра ти е платата, ништо не ти останува, поради тоа“, вели тој.

Ретки се тие што се иселиле од Македонија, но по одредено време решиле да се вратат во родната земја. Таков е случајот со 31-годишната Јана Ивановска, која пред десет години заминала на магистерски студии по дизајн во главниот град на Чешка, Прага, но по пет ипол години поминати таму донела одлука да се врати во Скопје, пред сè поради тоа што ѝ недостигале блиските луѓе и семејството.

„Решив да се вратам од Прага затоа што ми недостигаа луѓето што ги сакам и топлината што ја чувствувам тука кога сум со луѓето што ги сакам. Тоа ми недостигаше во странство“, вели таа.

Ивановска, која сега има свое проектантско биро, додава дека има повеќе можности за младите луѓе во странство, за разлика од нашата земја.

„Одлично државно школо, државен факултет и одлична можност за размена на искуства, да научам нешто повеќе, да видам како е надвор. Беше точно така како што замислував и повеќе од тоа. Значи, многу можности за младите луѓе, можности да се докажат, да научат, да напредуваат. За мене беше дури и фасцинантно тоа што таму младите луѓе не се грижат после факултет или после магистерските студии дали ќе најдат работа, туку едноставно си ја бираат работата којашто им се допаѓа и е според нивниот сензибилитет. Мислам дека тука е малку потешко. Од моето лично искуство и од искуството на луѓето околу мене, не е невозможно, меѓутоа навистина треба да се бори човек за да направи нешто повеќе надвор од она секојдневното, рутинското“, вели Ивановска.

Извршниот директор на коалицијата на младински организации Сега, Зоран Илиески, вели дека нивните истражувања и анкети покажуваат оти основниот мотив за младите да ја напуштат земјата е тешкиот пристап до вработување или тоа што нивните квалификации не се во согласност со барањата на пазарот на трудот.

„Основната причина за заминување од државата е борбата за егзистенција, односно решавање на проблемот со вработувањето“, вели тој.

Поранешниот гувернер на Народната банка, Петар Гошев, смета дека има неколку причини за иселувањето.

„Прво, нееднаквоста во општеството е огромна, луѓето не го чувствуваат општеството за правично, ниските плати ги тераат луѓето да ја напуштаат земјата. Илјадници луѓе заминаа од Македонија“, вели тој.

Владата започна со програмата наречена „Младинска гаранција“ со која се зголемува опфатот и вклучување на младите невработени лица на пазарот на трудот и која се спроведува во државите од Европската унија од 2012 година.

Гаранцијата за млади е отворена за сите млади лица на возраст до 34 години кои се невработени, веќе го завршиле своето образование и не се пријавени во Агенцијата за вработување на Македонија.

Министерката за труд и социјала, Мила Царовска, вели дека повеќе од една година работат на младинската гаранција која се спроведува во Скопје, Гостивар и во Струмица. Според неа, досега се постигнати одлични резултати, бидејќи се вклучени 2000 млади луѓе од кои 600 се вработиле.

„Тоа ни кажува дека таа мерка е потребна во Македонија. Таа мерка е градење на доверба меѓу институцијата – Агенција за вработување и младите луѓе. Ќе видиме дека во суштина младите никогаш претходно не се ни обраќале во Агенцијата за да добијат поддршка“, вели Царовска.

За оперативниот план за активни мерки и програми за вработување и услуги на пазарот на трудот за 2018 година, владата издвои околу една милијарда денари.

Царовска додава дека досега се искористени 40 проценти од обезбедените средства и наместо кредитирање, преку оперативните мерки за младите се овозможуваат неповратни средства до 10 илјади евра за тие кои сакаат да започнат бизнис.

„Но, не завршивме таму, туку велиме дека првите 10 илјади евра се важни, но потребно е тој бизнис да се поддржи и понатаму да живее и расте, за да стане самостоен, силен, да закрепне како бизнис за да може да генерираме и нови вработувања во истиот. Затоа склучивме и една соработка со фондот за иновации, дека секој иновативен бизнис што ќе се случи преку Агенцијата за вработување, понатаму да може да добие финансиски средства и од Фондот за иновации. Со тоа се надеваме дека повеќе ќе ги поттикнеме младите луѓе и да бидат самовработувачи и да креираат бизниси, затоа што секој креиран бизнис не е за вработување на само едно лице, туку понатаму може да вработува и повеќе, не само млади луѓе, туку и повозрасни, но секако ќе работиме на намалување на невработеноста“, вели Царовска.

Не е проблем само невработеноста

Податоците на Државниот завод за статистика покажуваат дека 42 илјади лица од невработените се со високо образование. Од нив, ако ги земеме предвид младите од 24 до 35 години, бидејќи до тогаш тие би требало да го завршат факултетот, излегува дека 26 илјади се невработени.

Гошев смета дека добар кадар ќе има сè помалку во Македонија поради слабата заработувачка.

„Истовремено, јасно е дека земјата е испразнета од бројни професии од занаетчиска природа. Денес не може да најдете добар мајстор од многу професии, затоа што за три месеци надвор заработуваат повеќе отколку ако работат цела година во Република Македонија“, вели Гошев.

Илиески додава дека треба да се евидентира реалната потреба на бизнис секторот, односно каков профил на луѓе им е потребен. Но, секако улога игра и квалитетот на образованието.

„Мора да се пристапи кон реструктуирање на високото образование, односно и чекор поназад, во средното образование, каде што ќе се генерираат кадри во согласност со потребите. Постои потреба од работна сила, постои потреба од вработување и работници, но она што е евидентно е дека нема соодветен кадар којшто е еднаков на потребите на бизнис секторот“, вели тој.

Има ли перспектива за младите?

Младите, како што наведува 29-годишниот Жантевски, би останале во земјата ако имаат повисоки примања, но верува дека тогаш би се вратиле и дел од оние кои ја напуштиле земјата.

„Ако има поголеми примања, да. Ако се направи споредба меѓу плаќање кирија и да ти останат пари за да може да живееш до крајот на месецот, мислам дека сите би се вратиле. Мислам дека животот тука е многу поинтересен и подинамичен, за разлика од таму каде што е само работа и дома и нема друштво. Ние имаме балкански менталитет. Да имаме подобра работа, ќе биде подобро за сите“, вели тој.

Министерката Царовска посочува дека не само вработувањето, туку е потребно генерално подобрување на системот во сите општествени области.

„Јас сум многу реална и пред себе и пред граѓаните за тоа дека не е единствено вработувањето тоа што ќе ги задржи младите во нашата држава. Затоа што кога еден млад човек решава да остане во државата го гледа и здравствениот, и образовниот, и социјалниот систем, и животната средина, и нивото на култура на живеење и ако сите овие аспекти не ги реформираме и не го подигнеме нивото на нашето општество, сите заедно, нема индивидуалец што не треба да се вклучи во тоа, ние навистина нема да успееме да им го понудиме тоа што им е доволно на младите луѓе, затоа што квалификуваните луѓе, коишто имаа работа во нашата држава си заминаа“, вели таа.

Царовска додава дека приоритет им е да ја подигнат довербата на младите во системот, а потоа ќе се фокусираат на оние кои се иселиле.

За Ивановска, враќањето од странство е сепак индивидуална одлука, но порачува дека никогаш не е исклучена опцијата за враќање дома.

„Има луѓе коишто ги познавам, коишто се многу среќни и се чувствуваат исполнети во странство, така што мислам дека тие не ни размислуваат да се вратат, иако секогаш постои оној момент кога ти недостигаат луѓето со коишто си растел, драгите луѓе, родителите, коишто се тука. За оние коишто се решени или се мислам дали да се вратат или не, мислам дека странство никогаш не ти бега, секогаш може да се вратиш таму каде што си бил“, вели Ивановска.

Сè поголем број Бугари се враќаат дома

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Запирање на одењето, но и враќање на оние што работат во ЕУ

Бугарските власти самоуверено деновиве соопштија дека во последниве години сè поголем број Бугари кои работеле или студирале во странство се вратиле дома. Главно, како што објаснуваат, поради поголемите и подобри можности за нивната кариера што им се нудат во Бугарија. Некои од оние што се вратија, пак, освен тоа, го посочуваат и до некаде изменетиот однос на нивните домаќини спрема странските работници.

Гоце Атанасов

Бугарскиот институт за национална статистика соопшти дека сè уште над 30 илјади Бугари годишно заминуваат во Германија, Велика Британија и во Шпанија. Сепак, како што се наведува, во последниве години бројот на оние кои избрале да се вратат дома постојано се зголемува. Западна Европа и натаму останува најпопуларна дестинација за бугарските мигранти. Од тоа најмногу, односно 22 отсто, одат за Германија, 16 проценти за Британија и 12 проценти за Шпанија. Во 2012 и 2013 година, помалку од 5.000 Бугари кои живееле во странство решиле да се вратат дома, во споредба со 2015 година, кога се вратиле повеќе од 10 илјади. Бугарскиот институт за национална статистика соопшти дека рекордниот број Бугари, односно над 13 илјади, кои решиле да се вратат во својата родна земја, бил минатата година.

И покрај тоа што сè уште е најсиромашна земја во Европската унија, со негативни демографски податоци и ниски плати, бугарската економија годинава бележи пораст. Многу меѓународни претпријатија отворија канцеларии во големите градови и бараат да вработат специјалисти.

Христо Бојаџиев верува дека на способните бугарски работници им требаат повеќе информации за можностите што ги нуди нивната земја. Тој е еден од организаторите на саемот, наменет за Бугарите кои студирале или работеле во странство. Бојаџиев вели дека работниците со јазични вештини и искуство од странство можат да се развиваат многу побрзо во својата татковина.

„Во моментов специјалист, добро образован на Запад, со работно искуство, може да најде одлична почетна позиција која нуди многу можности за развој. Како што стои, „она што го добива во Бугарија, во споредба со Англија како комплетен пакет, а не само сумата, е многу конкурентно. Нешто што овозможува одличен живот во Бугарија“.

Форумот „Кариера во Бугарија - зошто да не?“ се одржува во Софија веќе единаесет години по ред. На годинашното издание учествуваа над 1.500 апликанти кои можеа да разговараат со претставници на повеќе од 100 компании. Главно во добивањето помош за своите биографии, поврзувањето со други кои неодамна се вратија од странство или размислуваат да го сторат тоа. Според организаторите, повеќето од присутните биле Бугари со искуство добиено во Германија или во Британија.

Каролина Дачева е авијациски инженер која студирала и работела шест години во Бристол. Таа годинава се врати во Бугарија, а како една од главните причини за ваквата нејзина одлука го посочува Брегзитот.

Зрнцето за мојата одлука се посеа кога му се приклучив на тим кој беше претежно составен од Англичани, кои беа многу проактивни за Брегзитот. Од самиот почеток ми беше кажано дека сè е во ред и оти не им пречи што јас сум странец и ги поздравуваат луѓето од странство што им се придружија. Тоа ме натера да се чувствувам чудно додека до тој момент никогаш не сум се чувствувала поразлично во Англија“, вели таа.

Мартин Келчев пак, живее во Британија во изминативе 10 години. Овој финансиски аналитичар размислува да се врати во Бугарија и во моментов, како што вели, ги истражува можностите за вработување во земјата. Тој вели дека Брегзитот нема да биде проблем за него, бидејќи има право да остане и да работи во Британија.

„Но, фактот што Велика Британија напушта некаков сојуз во кој ние Бугарите се обидуваме активно да учествуваме е важен“, вели тој.

Гергана Патчева моментално ја завршува нејзината магистерска работа во Лондон и исто така размислува да се врати дома по 5 години минати во Британија. Во нејзината средина, таа не почувствувала некаква промена на ставот по референдумот за излез на Британија од Унијата. Но, како што вели, имала пријатели кои се чувствувале „разочарани“ и „потценети“.

„Не можам да кажам дека ми влијае на однесувањето, но во исто време имам пријатели кои се разочарани и се чувствуваат, не знам... тие се чувствуваат потценети“, вели таа.