Уставните измени во Собрание, Рускиот Сојуз стопиран, Тачи тврди дека Макрон го поддржува, Путин ќе оди во Србија...
МАКЕДОНИЈА - Одлагањето и компликациите во Македонија во врска со спроведувањето на Договорот со Грција за името, може да ја доведе во прашање и ратификацијата во грчкиот парламент, па и до распад на владејачката коалиција на премиерот Алексис Ципрас. Ова, во интервју за Радио Слободна Европа, го истакнува Јоанис Армаколас, вонреден професор на Македонскиот универзитет во Солун.
МАКЕДОНИЈА - Со 10 гласови за и 7 против, Собраниската Комисија за уставни прашања го усвои заклучокот Собранието да го поддржи предлогот на Владата за уставни измени и Собранието да донесе одлука за пристапување кон измена на Уставот. Со третиот заклучок, Собранието ѝ наложи на Владата во рок од 15 дена да подготви нацрт текст на уставни амандмани.
МАКЕДОНИЈА - Воената вежба Македонски блесок 4 ќе се одржи од 15 до 20 октомври на армискиот полигон Криволак. Целта е преку самооценување, согласно НАТО оперативните способности, да се демонстрира нивото на борбена готовност на дел од декларираните единици на АРМ: декларирана чета на воена полиција и капацитетите за поддршка на операциите водени од НАТО.
ШПАНИЈА - Десетици илјади луѓе излегоа на улиците на Барселона, на прославата на национален празник на Шпанија, отфрлајќи ја идејата на сепаратистичките лидери на Каталонија, кои бараат независност од Шпанија. Многумина учесници на собирот носеа шпански знамиња и извикуваа Да живее Шпанија и Да живее Кралот.
ГРЦИЈА - Дваесет грчки функционери се осомничени за разни кривични дела во врска со пожарот во близина на Атина на 23 јули годинава во кој загинаа 99 луѓе. Обвинителскиот тим, кој го истражува пожарот, ги повика 20-те функционери наредната недела да дадат исказ во врска за делата за кои се сомничат. Роднини на жртвите уште летоска поднесоа кривични пријави против различни грчки функционери.
БУГАРИЈА - Стотици граѓани, роднини, пријатели и колеги се простија од убиената бугарска новинарка Викторија Маринова на погребот во нејзиниот роден град Русе. Градоначалникот на Русе Пламен Стоилов рече дека бруталното убиство на новинарката фрлило сенка на мирниот град.
ТУРЦИЈА - Турскиот суд пресуди да го ослободи од домашен притвор американскиот свештеник Андру Брансон и покрај тоа што го осуди на три години затвор за обвиненија поврзани со тероризам.
РУСИЈА - Шефот на руската вселенска агенција Роскосмос изјави дека екипажот на мисијата Сојуз, кој направи принудно слетување во прекинатото лансирање на 11 октомври, на пролет следната година ќе започне нова вселенска мисија.
КОСОВО - Косовскиот претседател Хашим Тачи изјави дека добил поддршка од францускиот претседател Емануел Макрон за што поскорашно постигнување правно обврзувачка спогодба меѓу Косово и Србија со можност за корекција на границата.
СРБИЈА - Рускиот претседател Владимир Путин ќе ја посети Србија во јануари. За ова разговарале српскиот претседател Александар Вучиќ и рускиот амбасадор во Белград Александар Чепурин.