На тридневното заседавање на Синодот во Истанбул со кој претседаваше Вселенскиот Патријарх Вартоломеј, духовниот поглавар на околу 300 милиони православни христијани, беше одобрено барањето на Украина за автокефална, односно независна црква.
Всушност Синодот донесе неколку одлуки за отворање на патот на Украина да има своја црква.
Меѓу одлуките е и рехабилитација на украинскиот патријарх Филарет, кој е исклучен од Руската православна црква уште од почетокот на 90 години.
„И сега одлуката со која се поништуваат сите овие забрани ни дава шанса да се обединиме со архиереите на Московската Патријаршија, со оние кои сакаат да се обединат со нас и со автокефалната црква“.
Украинската црква моментално е поделена на три тела, а еден е технички надгледуван од Московскиот патријарх.
Тоа владата во Киев го смета занеприфатливо со оглед на нејзиниот тековен конфликт на истокот на земјата со бунтовниците поддржани од Русија.
Победата на Украина во врска со црковното прашање би можела да ја зајакне кампањата на прозападниот претседател Петро Порошенко во она што се очекува да биде тесна изборна трка во следната година.
„Прашањето за томосот и автокефалноста оди подалеку од црковниот живот, затоа се приклучи државата. Тоа е прашање на нашата независност. Тоа е прашање на нашата национална безбедност, на нашата државност. Тоа е прашање и на целата светска геополитика“.
Во знак на одмазда поради ваквиот чекор, Руската православна црква најави дека ќе ги прекине односите со Вселенската патријаршија,
Архиерејот Климент Вехерија, портпарол на Украинската Православна Црква при Московската Патријаршија пак изрази страхување за натамошната работа во Украина:
„Ова е многу загрижувачки, а најновите изјави на некои украински политичари покажуваат дека не можеме да сметаме на поддршка и заштита од украинските власти“.
Руската православна црква ги спореди акциите на Украина за независност со Големиот раскол од 1054 година, кога христијанството се подели на западно и источно.
Руските црковни власти предупредија дека сето ова може да доведе до натамошни „неповратни“ поделби во светската православна заедница.