Општина Аеродром издаде решение за запирање на градбата кај Мајчин дом

Градоначалникот на општина Аеродром Златко Марин.

Градоначалникот на општина Аеродром Златко Марин на прес-конференција изјави дека по разговор со инвеститорот издал решение за запирање на градбата на зградата кај Мајчин дом. Забраната важи за 15 дена.

„Градбата е стопирана, влегуваме во барање решение низ дискусија, ги преземам сите можни мерки и напори со сите засегнати страни да најдеме начин трајно да го заштитиме плацот пред Мајчин дом“, изјави Марин.

Тој додаде дека презема иницијатива за решавање на проблемот со разговор со граѓаните, со инвеститорот и со Градот Скопје и оти во петок закажал вонредна седница на Советот на општина Аеродром, на која ги повикува да присуствуваат граѓанските организации и сите засегнати граѓани да присуствуваат на седницата и „да бидат дел од процесот“, вели тој.

Вчера жители на населбата Аеродром протестираа и го блокираа сообраќајот на булеварот Јане Сандански во знак на револт бидејќи продолжиле градежните работи на објектот кај „Мајчин дом“.

Жителите велат дека иако градоначалникот Златко Марин во предизборието им ветувал дека доколку биде избран ќе го стопира овој проект, тоа не се случило и продолжило уништувањето на зеленилото.

Претходно градоначалникот на Аеродром излезе на прес-конференција. Според Марин „неколку коментари на Фејсбук“ не се доволни за оставка, а, ова не е задоцнет јавен настап.

На социјалните мрежи и денеска има повици за протестите, откако жители на Аеродром споделуваат видеа за кои велат дека инвеститрот и утринава продолжил со градежните активности.