Меѓународните финансиски организации ги намалија очекувањата за економскиот раст на Македонија годинава, Народната банка е скептична дека може да се постигне планираниот раст, но со нови проекции ќе излезе наредниот месец, владата сè уште е оптимистична дека економијата ќе расте според планираното. Речиси сите организации и домашни експерти предупредуваат дека нови избори дополнително би го забавиле економското закрепнување.
Светската банка минатата недела соопшти дека очекува економскиот раст во Македонија годинава да биде 2,5 отсто, што е благо покачување во однос на претходната проекција од јуни, кога очекувањата беа за раст од 2,3 отсто. Проекциите од април годинава беа дека растот ќе биде 2,8 отсто.
ММФ пред неколку дена ги намали очекувањата за раст на македонската економија за годинава на 1,6 проценти, од претходните проекции од 2,8 отсто.
Гувернерката на НБРМ, Анета Ангеловска – Бежоска минатата недела рече дека економскиот раст во првата половина од годинава е значајно понизок од очекувањата, па легитимно е прашањето дали ќе биде остварен проектираниот раст од 3,2 проценти. Народната банка ќе излезе со нови проекции за растот наредниот месец.
Претседателот на МАНУ, академик Таки Фити, рече дека прогнозите за намалување на растот се должат на оваа, како што рече, мини политичка криза. Тој рече дека кога има избори, луѓето не мислат на бизнис и оти ако има нови предвремени избори, треба да бидеме задоволни ако растот биде 1,6 проценти.
„Одамна позната економска законитост е дека очекувањата многу влијаат. Бидејќи, ако нашите претпријатија и странските ивеститори очекуваат полоши времиња, политички тензии, тогаш, едноставно, луѓето не инвестираат. Ако дојде до политички избори, целата енергија, труд, напор, ќе се сврти кон изборите. За жал, кога имате политички избори, луѓето малку размислуваат за економија и бизнис, се воздржуваат и домашните, и странските инвеститори“, изјави претседателот на МАНУ на одбележувањето на 51-годишнината од основањето.
Владата сè уште се надева дека може да го постигне планираниот раст. Во првото тримесечје економијата стагнираше, односно растот беше нула проценти, додека во вториот квартал беше постигнат раст од 3,2 отсто.
Премиерот Зоран Заев не гледа причина за намалување на проекцијата за растот на економијата годинава и покрај тоа што Меѓународниот монетарен фонд и Светска банка ги коригираа своите претпоставки за растот на македонската економија годинава.
„„Немаме никакви причини да се откажеме од проекциите затоа што имаме раст во второто полугодие и го очекуваме растот во третото полугодие. Остануваме на проекцијата од 3,2 отсто раст и ги имаме сите практични причини за тоа. Веројатно знаете дека меѓународните институции, кога се јавуваат ретроградни процеси, како сега, дали ќе се гласа или не, се песимистички ориентирани и така и ги кажуваат своите коментари. Кога целото општество било заеднички сплотено и давало оптимизам, тогаш и тие биле оптимистички ориентирани, така што остануваме на проекциите од 3,2 проценти“, рече премиерот Заев, одговарајќи на новинарско прашање по учеството на дебатата „Мостови или ѕидови? Македонија и Западниот Балкан во Европа“, организирана во рамки на Форумот за граѓанско општество Скопје 2018.
Експертите предупредуваат дека и без избори, планираниот економски раст беше доведен во прашање и поради ниското ниво на капитални инвестиции.