Фити: намалувањето на економскиот раст се должи на новата политичка криза

Архива: Академик Таки Фити.

Прогнозите за намалување на економскиот раст, 2,5 отсто според Светска банка и 1,6 отсто според МММФ, се очекувани и се должат на оваа миниполитичка криза, смета претседателот на МАНУ, академик Таки Фити.

„Во вакви ситуации се менуваат очекувањата на инвеститорите односно на економските субјекти. Тоа е круцијален факт за дефинитивно профилирање на стапката на економски раст. Одамна позната економска законитост е дека очекувањата многу влијаат. Бидејќи, ако нашите претпријатија и странските ивеститори очекуваат полоши времиња, политички тензии, тогаш, едноставно, луѓето не инвестираат“, вели Фити.

Тој смета дека ако дојде до политички избори, целата енергија, труд и напор, ќе се сврти кон изборите. Според него ќе биде подобро ако уставните измени поминат во Собранието и да се избегнат избори, со што би се избегнале „дополнителни трошоци и тензии.“

„За жал, кога имате политички избори, луѓето малку размислуваат за економија и бизнис, се воздржуваат и домашните, и странските инвеститори“, изјави Фити.

МАНУ денеска одбележа 51 година од основањето.