Од ВМРО-ДПМНЕ по денешната владина седница на која беше усвоен предлогот за уставните измени поврзани со Договорот од Преспа реагираа дека премиерот Зоран Заев нема легитимитет да го менува Уставот за да го смени уставното име на Република Македонија. Според опозициската партија, Заев нема легитимитет да ги менува идентитетот, историјата, културата и традицијата на земјата.
„Покрај сите нерегуларности, заплашувања, поткупувања и полнење на кутии граѓаните кажаа НЕ. Еден милион и 200 илјади граѓани му дадоа црвен картон на Зоран Заев и на СДСМ на референдумот. Граѓаните не ја поддржаа неговата антидржавна политика и му порачаа дека договорот од Преспа за промена на името е правно - политички мртов. Секој обид за насилно туркање на договорот од Преспа во Собрание е силување на волјата на граѓаните“, се наведува во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.