Ременски ги повика сите пратеници да ги поддржат уставните измени

Потпретседателката на Собранието, Фросина Ременски

Потпретседателката на Собранието и пратеничка на СДСМ, Фросина Ременски на денешната прес-конференција во Собранието по повод усвојувањето на уставните амандмани од страна на Владата порача дека сите пратеници, вклучително и тие од ВМРО-ДПМНЕ се должни да ја следат мнозинската одлука на граѓаните и да ја обезбедат иднина за Македонија и за граѓаните.

„Пратениците кои се јасно определени за членството на Република Македонија во НАТО и ЕУ, да преземат одговорност во тоа име, во име на граѓаните кои се избрани да ги поддржат процесите и уставните измени да бидат усвоени. Ова е шанса за сите, заеднички да обезбедиме сигурна и стабилна иднина на граѓаните, за нашата заедничка татковина Република Македонија“, рече Ременски.

Таа на прашање дали е обезбедено двотретинско мнозинство за усвојување на уставните измени во Собранието рече дека не би можела директно да одговори.