Уставните измени на владина седница, извесно ли е мнозинството?

Архивска фотографија- Владата на Република Македонија. владина седница.

Владата попладнево на вонредна седница ќе го разгледува предлогот за пристапување кон уставните измени. Потоа, ако се усвојат, ќе бидат испратени во Собранието за каде не се знае дали се обезбедени потребните 80 пратенички гласа.

Владата за попладнево закажа вонредна седница за уставните измени. Во соопштението од владината прес служба се наведува дека „единствена точка на дневниот ред e Предлог за пристапување кон измена на Уставот на Република Македонија со насоки за изменување и дополнување на Уставот на Република Македонија”.

Предлогот, ако биде усвоен на денешната владина седница, потоа треба да се испрати во Собранието. За таму, пак, се потребни 80 пратеници да гласаат за потребата од измените на Уставот за тие воопшто да се донесат.

Засега не се знае дали мнозинството успеало да обезбеди уште девет пратеници за да може да се почне процедурата за измена на Уставот. Во јавноста само постојат гласини за преговори со пратеници од ВМРО-ДПМНЕ кои биле спремни да гласаат. Такви шпекулации дополнително ги подгреа и неконкретниот одговор на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на прашањето за шпекулациите дека власта се обидува да убеди пратеници од неговата партија да гласаат за уставните измени.

Мицкоски рече дека самиот факт што во јавноста имало сомнеж дека некој тргувал со правдата и правото говорело дека во оваа држава ниту имало правда, ниту имало правдина.

„Не би коментирал понатаму“, рече Мицкоски одговорајќи на прашањето за наводните преговори.

Нови барања од опозицијата

Но, тој испорача и две нови барања. Премиерот Зоран Заев јавно да се откаже од Договорот со Грција и по изборите да се формира ново јавно обвинителство кое ќе работи на предметите што ги има отворено постоечкото Специјално јавно обвинителство. Покрај овие Мицкоски ги спомена и старите - пржинска влада сто дена пред избори, нов јавен обвинител по предлог од опозицијата и собраниска комисија која ќе ги разгледала нерегуларностите на референдумот.

Конфузни се барањата на опозицијата, оценува Ненад Марковиќ, професор на Правниот факултет Јустинијан Први.

„Мене не ми е јасна целта на преговорите - се преговара за услови за предвремени избори, за пратениците кои би требало да го сочинат двотретинското мнозинство, се преговара за обвинителство, за што точно се преговара”, вели Марковиќ.

ВМРО-ДПМНЕ расчистува со прозападните елементи

Според Марковиќ, смената на заменик генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ Петар Богојески, кој повикуваше да се излезе на референдумот е најава дека партијата ќе расчистува со прогресивните и прозападни елементи. Тоа додава дека тоа дополнително ќе ги загрижи меѓународните партнери на ВМРО-ДПМНЕ кои досега даваа поддршка на Договорот од Преспа, кој опозициската партија го прогласи за мртов.

Но јас искрено не верувам дека во ВМРО-ДПМНЕ, освен кај поединци, постои сериозно руско влијание. Мислам дека не би требало да се оди дотаму за да се прогласи ВМРО-ДПМНЕ за проруска партија, но таа етикета нужно ќе им се лепи во наредниот период како што тие се повеќе ќе се одалечуваат од позициите што ги прокламираат НАТО, ЕУ и другите сестрински партии на ВМРО-ДПМНЕ”, вели Марковиќ,

Башким Селмани, професор на Факултетот за општествени науки, пак, вели дека зад овие барања на опозицијата се криело обид за одолговлекување на зачленувањето на Македонија во НАТО и Европската унија.

„ВМРО-ДПМНЕ и понатаму ќе блокира и јас не гледам дека ќе има некакво позитивно решение и мислам дека дополнително ќе се комплицира работата”, вели Селмани.