Столтенберг: НАТО го поддржува дијалогот меѓу Белград и Приштина

Србија, Белград, Јенс Столтенберг, генерален секретар на НАТО и српскиот министер за одбрана Александар Вулин 06. октомври.2018

"НАТО силно го поддржува дијалогот Белград – Приштина и сите напори што ќе резултираат со намалување на тензиите и ќе ги решат проблемите", изјави генералниот секретар на Алијансата, Јенс Столтенберг.

Тој вчера пристигна во Белград, и во интервју за телевизијата Пинк, рече дека НАТО има одличен дијалог со Србија и ја почитува одлуката државата да не биде дел од Алијансата.

"Силно го поддржуваме дијалогот меѓу Белград и Приштина како и сите напори што ќе резултираат со намалување на тензиите и ќе ги решат несогласувањата. Нам ни е потребно политичко решение. Тоа е дијалог што одблизу го следи ЕУ, а НАТО беше дел од иницијативата што придонесе за дијалог. Ние и понатаму го следиме дијалогот и го поддржуваме" нагласи Столтенберг.

Тој потсети дека Србија „јасно рекла“ дека цел не и е да стане членка на НАТО.

" Почитуваме одлука на држава дали сака да влезе во НАТО или не сака. Имаме одличен однос со Србија и ја почитуваме нејзината одлука да не се придружи на НАТО туку да биде партнер. Тоа е добро за Србија, тоа е добро за НАТО", изјави Столтенберг.

Генералниот секретар на НАТО во Белград престојува до 8 ми октомври, а потоа ќе ги посети Загреб и Љубљана.