Во Босна и Херцеговина денеска се одржуваат избори, осми по ред на сите нивоа на власта, од прогласувањето независност на таа држава во 1992 година со Дејтонскиот договор.
Во 7 часот беа отворени повеќето од речиси 5. 800 избирачки места, но некаде, како што соопшти изборната комисија, тоа не се случи навреме, поради ненавремена подготовка.
До гласањето доаѓа по изборната кампања, која повеќе се фокусираше на длабоките етнички поделби отколку на економските проблеми и корупцијата што ја погодуваат оваа балканската држава.
Изборите се спроведуваат без претходна промена на Изборниот закон што е прогласен за неуставен. Медиумите во државата како проблем го наведуваат и избирачкиот список што не е прочистен.
На изборите учествуваат 128 политички субјекти, и тоа значи дека условите за кандидирање ги исполнија 53 политички партии, 36 коалиции и 46 независни кандидати.
На изборните листи се имиња на 7.497 луѓе кои сакаат да бидат дел од власта.
Тие се натпреваруваат за членови на Претседателството на БиХ, за пратеници во Парламентот на БиХ, пратеници во Претставничкиот дом на Парламентатот федерацијата на БиХ, претставници во Народното Собрание на РС, за претседател и двајца потпретседатели на тој ентитет и за пратеници во собранија на десет жупании во Федрацијата БиХ.
Право на глас на изборите имаат нешто повеќе од 3,3 милиони гласачи. Тој податок предизвикува полемика бидејќи на пописот од 2013 година во БиХ е утврдено дека има околу 3,5 милиони жители.