Поранешниот претседател на ВМРО ДПМНЕ , Никола Груевски, во текот на ноќта напиша обраќање до неговата матична партија и пратениците, во кое тој ги повикува да не подлегнуваат на уцени. Во текстот што го објави на својот ФБ профил, Груевски ја споредува ВМРО ДПМНЕ со државата, наведувајќи дека партијата е последен меч на одбраната на националните интереси.
Груевски наведува дека верува оти и без неговото предупредување ВМРО ДПМНЕ нема да дозволи да биде уценето, но сепак, како што пишува сака да испрати проглас до партијата , а во врска со "политичкиот прогон" против него, поврзан со набавката на владиниот мерцедес пред 6 години.
"Доколку од Вас, било кој и на било кој начин, бара да направите и најмала остапка која би била на штета на државните и националните интереси, ставајќи го тоа во корелација со запирање или ублажување на политичкиот прогон против мене, како долгогодишен водач на Внатрешната Македонска Револуционерна Организација – Демократска Партија за Македонско Национално Единство и како нејзин почесен претседател и актуелен пратеник, Ве молам без размислување, без ни малку колебање, одлучно да го отфрлите таквиот непристоен предлог" пишува Груевски
Тој вели дека чесно ги водел државата и партијата и на крај порачува дека нема да дозволи да го скршат.
"Јас и мојата судбина, политичкиот прогон против мене, изживувањето и “лечењето“ лични фрустрации и суети со прогонот и малтретирањето на мене, етикетирањето без основ до ниво на жигосување, казнувањето без вина, сето тоа е второстепено и јас тоа ќе го истрпам, ќе го издржам, ќе се справувам и ќе се борам колку што можам, со целосна подготвеност за плаќање на цената за тоа, независно дали таа се однесува на моето достоинство и углед, на мојата слобода или на мојот живот" вели Груевски
Осврнувајќи се на минатото на македонскиот народ и користејќи цитати од македонскиот револуционер Гоце Делчев, како и германскиот филозоф Фрудрих Ниче, своето обраќање до партијата и пратениците Гревски го завршува со цитат од писмо од 1924 година, испратено од Тодор Александров во кое тој наведува дека се раководел единствено од интересите на ВМРО.