Меѓународната полициска агенција Интерпол објави дека побарала од кинеските власти информации за нејзиниот претседател, Менг Хонгвеј, кој исчезна на патување во Кина од Франција. Во денешното соопштение, агенцијата со седиште во Лион наведе дека "се надева на официјален одговор од кинеските власти за решавање на загриженоста за благосостојбата на претседателот". Интерпол објави дека користел канали за спроведување на законот за да го поднесе своето барање за информации за статусот на Менг.
Сопругата на Менг вели дека таа нема вести од него откако го напуштил Лион на крајот од септември. Франција започна сопствена истрага. Француските власти велат дека тој се качил на авион и пристигнал во Кина, по што на 64-годишниот Хонгвеј му се губи трагата. Менг е заменик-министер за јавна безбедност во Кина.