Таткото на режисерот Бојаџи меѓу 13 те приведени за препродавање артефакти

Портпаролот на МВР Тони Ангеловски

Кривична пријава за вршење кривични дела против културното наследство и природните реткости е поднесена вчера против вкупно 14 лица, од коишто 13 се приведени, а по преостанатиот се трага. Кривичната е поднесена во рамки на акцијата на Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал во координација со ОЈО за гонење на организиран криминал и корупција, изјави на денешната прес-конференција портпаролот на МВР Тони Ангеловски и додаде дека таа е реализирана со цел да се сузбие организирана повеќечлена криминална група составена од лица од Скопје, Велес, Струмица, Радовиш, Тетово, Струга и Битола.

Пријавените ископаните археолошки предмети од непроценлива вредност на повеќе археолошки локалитети низ повеќе локации во државата меѓу кои Струмица и Велес ги продавале на заинтересирани лица од странство, од Албанија, Турција и Грција.

Како што претходно објавија дел од медиумите еден од приведените е татко на режисерот Јани Бојаџи. Ангеловски денеска демантираше каква било поврзаност меѓу овој случај и филмот на Бојаџи „Ругање со Христа“, кој предизвика контроверзи, а Министерството за култура го означи како скандалозен, бидејќи ги навредувал чувствата на Албанците.

" Апсолутно отфрлам какви било поврзаности. МВР го спроведува законот, секој кој сторил кривично дело ќе одговара за тоа без разлика дали е нечој син, ќерка, татко. На оваа акција се работеше повеќе од една година", рече портпаролот на МВР.

Режисерот Бојаџи вчера објави дека во домот на неговите родители во Струмица изутрината е извршен претрес по што татко му е приведен и донесен во полициската станица во Гази Баба во Скопје.