Mинистерот за внатрешни работи Оливер Спасовски на денешната прес- конференција информираше дека во полициска акција вчера била сузбиена криминална група која организирала криумчарење мигранти со фалсификувани патни исправи, а дејствувала на територијата на Македонија и на Албанија. Тој посочи дека до Јавното обвинителство е поднесена кривична пријава за девет лица, за седуммина за организирање и поттикнување трговија со луѓе и криумчарење мигранти, додека за двајца за помагање на групата.
Акцијата била во соработка со Регионалната канцеларија за безбедност и истраги при Амбасадата на САД во Скопје, Европол, Селек, како и полициите на Албанија, Австрија, Шпанија и Бугарија. Според него, криминалната група била дел од мрежа составена од соработници од Албанија, Бугарија, Шпанија, Домениканска Република, Хондурас, Гватемала и Мексико.
Членовите на оваа криминална група, како што наведе, Спасовски, организирале криумчарење на повеќе групи илегални мигранти со потекло од Албанија и Македонија со крајна дестинација САД и Канада. Сумата што групата ја барала за криумчарење по лице изнесувала од 20 до 25 илјади долари.
Криминалната група од Македонија во содејство со соработниците од Албанија во периодот од април 2017 година до март 2018 година, како што истакна Спасовски, успеала да прокриумчари околу 50 лица мигранти кон САД, со што се стекнале со противправна имотна корист во износ од околу милион американски долари.