Не се потребни предвремени парламентарни избори во Македонија, туку треба да се искористи можноста и да се обезбеди двотретинско мнозинство во Собранието, изјави еврокомесарот за проширување Јоханес Хан наведувајќи дека оваа порака веќе му ја пренел на македонскиот премиер Зоран Заев, објавуваат австриските медиуми.
„Новите избори ќе бидат само одолговлекување на патот кон почеток на преговорите за пристапување на ПЈРМ во ЕУ, што е планирано за летото наредната година“, вели Хан.
Во однос на референдумот Хан вели оти не може да се каже дека бил неуспешен. Тој истакнува дека е невообичаено на референдумот да се добие поддршка од 94 проценти, но да излезат само 36,8 отсто од гласачите и тоа „бидејќи опозицијата очигледно беше успешна во бојкотирањето“, истакнува еврокомесарот Хан.
Тој смета дека е можно во Парламентот да се обезбеди двотретинско мнозинство, велејќи дека потребни се осум или девет гласови од опозицијата „и тоа мора да биде остварено.“