ВМРО-ДПМНЕ најави кривични пријави против 200 луѓе за изборни нерегуларности на референдумот

Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски пред седиштето на партијата

Централниот комитет на опозициската ВМРО-ДПМНЕ вечерва ги потврди вчерашните заклучоци на Извршниот комитет на партијата, според кои тие бараат избор на техничка влада со мандат од 100 дена според Пржинскиот модел, нов јавен обвинител и анкетна собраниска комисија за референдумот.

Потпретседателот на партијата Александар Николоски вечерва изјави дека Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ оценил дека на референдумот биле злоупотребени над 50 илјади гласови и имало полнење кутии и затоа не го признаваат резултатот од гласањето, оценувајќи го како груб и незапаметен фалсификат.

Николоски најави дека партијата утре ќе поднесе кривични пријави против 200 луѓе – претседатели, заменици претседатели, членови и заменици членови на избирачки одбори во општините Струга, Центар Жупа, Кичево, Желино, Боговиње, Пласница и Сарај, како и против полицајци, затоа што се сомневаат дека во овие општини имало сериозни изборни нерегуларности.

„Целата јавност ги виде овие груби прекршувања, а само Јавното обвинителство не ги виде и затоа бараме разрешување на јавниот обвинител и избор на нов на предлог на опозицијата, за на предвремените парламентарни и на претседателските избори да нема ваква кражба и груб фалсификат“, рече Николоски.

Тој соопшти дека до нив дошле информации за притисок да се излезе на гласање, а тие што не излегле или гласале против биле прераспределувани на други работни места во администрацијата или биле бркани од работа од приватни фирми.

Николоски повтори дека целата пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ е единствена дека нема да гласа за уставни измени и дека уставното име на Република Македонија е зачувано.

Тој рече дека донеле одлука Општинските комитети итно да формираат Општински изборни штабови за најавените предвремени парламентарни избори, кои треба да функционираат до крајот на Претседателските избори наредната година.

По шпекулациите во јавноста дека од раководството на партијата ќе бидат разрешени пратениците кои гласаа на референдумот, Николоски рече дека вечерва не се разговарало за кадровски прашања.