МАН го осудува директорот на МИА за политички притисок врз Чилиманов

Сегашната и поранешната претседателка на МАН, Иванова Талевска и Слаѓана Димишкова

Македонската асоцијација на новинари (МАН) го осудува континуираниот притисок, мобинг и дискриминација на директорот на Македонската информативна агенција МИА, Драган Антоновски врз дел од новинарите во МИА, што деновиве кулминира со суспензијата на новинарот Цветин Чилиманов, кој е потпретседател на МАН.

„Ставовите на Цветин Чилиманов изразени преку негови постови на социјалните мрежи Твитер и Фејсбук се негови ставови изразени на личен профил, а не на платформа на МИА или профилите на Агенцијата на социјалните мрежи. Чилиманов не го прекршил ниту Законот за работни односи, ниту систематизацијата за работа на МИА, па оттука, незаконска е одлуката за негова суспензија“, реагира МАН.

Тие велат дека против Чилиманов се води политичката хајка за статус кој е негов личен став, а за повик за насилство од друг новинар од МИА Зоран Иванов, кој е екс портпарол на владата на СДСМ – нема ниту реакција, ниту суспензија.

Чилиманов на Твитер напиша статус кој беше протолкуван како повик на насилство врз новинарката Валери Хопкинс од Фајненшл тајмс, која го покриваше референдумот во Македонија. Пораката на Твитер беше осудена од ОБСЕ и од американскиот амбсадор Џес Бејли, а МИА се огради од него и го суспендираше.