САД обвинија седуммина припадници на руското воено разузнавање за, како што велат, нивната улога во хакирањето на анти-допинг агенциите и Меѓународната агенција за контрола на користењето на хемиско оружје.
Објавата на обвинението доаѓа само неколку часа откако Холандија соопшти дека во април протерала четворица руски разузнавачи поради сличен заговор.
Американското обвинителство соопшти дека разузнавачите ги таргетирале анти-допинг агенциите, откако тие ја нагласија улогата на руската влада во широко распространетото допингување на руски спортисти за време на Зимските олимписки игри во Сочи. Обвинителството посочи дека Русите исто така нападнале компанија за нуклеарна енергија со седиште во Пенсилванија, како и меѓународната агенција што ги истражувала хемиските напади во Сирија. Истата агенција била вклучена и во истрагата за труењето на пребеганиот руски шпион Сергеј Скрипал во март годинава во Англија.
По обвинувањата од Холандија, и Велика Британија и Австралија ја обвинија руската воена служба за разузнавање ГРУ дека стои зад бранот глобални сајбер напади.
Американскиот секретар на одбрана Џејмс Матис денеска изјави дека САД се подготвени да им помогнат на сојузниците во НАТО, по, како што рече, кредибилните наводи за серија руски компјутерски напади.
Русија, пак, иронично одговори на обвинувањата за наводни сајбер напади, тврдејќи дека Западот пати од „акутна опседнатост со шпионирање“.