Иванов – Македонија е жртва на двојни аршини од ЕУ

Претседателот Ѓорге Иванов пречекан од неговиот чешки колега Милош Земан во Прага

Македонија и денеска е природен дел на ЕУ зашто ги брани границите на целата цивилизирана Европа, рече денеска чешкиот претседател Милош Земан по средбата со македонскиот претседател Ѓорге Иванов во Прага. На заедничката прес-конференција со Иванов во Прага, Земан апелира до Грција да дојде до конечно решение за името кое ја блокира Македонија на патот кон ЕУ и НАТО.

„Принципиелно не се мешам во внатрешните работи на која било земја, зашто не сакам која било земја да се меша во внатрешните прашања на Чешка. Генерално гледано, јас сум пријател на референдумот, а ако одѕивот е мал, тоа може да бидат три работи: бојкот, незаинтересираност или лошо поставено прашање. Но, тоа мора да го решат нашите македонски пријатели сами“, рече Земан.

Тој изрази надеж дека спорот ќе се реши како што беше решен проблемот меѓу Словенија и Хрватска и сега двете земји се во ЕУ.

Претседателот Иванов, пак, рече дека НАТО и ЕУ не може да бидат алиби за лош договор со Грција.

„Факт е дека имавме неуспешен референдум и ниедна интерпретација не може да ги промени бројките кои се општо познати. Затоа повикав на одговорност. На сите кои ја посетија Македонија им кажав дека ЕУ и НАТО не можат да бидат алиби за лош договор со Грција. Не можете да прифатите договор кој оди на референдум, ако немате национален консензус. Не може да усвоите договор ако немате две третини во Парламентот. Што поскоро некој преземе одговорност, тоа поскоро ќе го решиме проблемот“, рече Иванов.

Македонскиот претседател ја обвини ЕУ за „двојни аршини“, зашто од ниедна друга земја која влегла во ЕУ и во НАТО не се барало она што Брисел го бара од Скопје.

„Мислам дека сме жртва на двојни аршини. Има земји со отворени билатерални прашања, а се членки на ЕУ. Има земји кои се блокираа, Словенија и Хрватска, па сепак им беше овозможен влез. На Македонија не ѝ беа овозможени ни пристапни преговори. Затоа велам дека ЕУ се однесува нефер, применува двојни аршини кои не беа применувани врз земји во наша позиција“, рече Иванов.

Земан, исто така предложи и Македонија да влезе меѓу земјите како Украина и Србија, од кои чешките фирми по олеснета процедура може да донесат работници кои им недостасуваат.