Ако не може да се забрзаат процесите за конечно членство во Европската унија и во НАТО и ВМРО-ДПМНЕ и понатаму ја кочи иднината на граѓаните и ја турка земјава во бездна, тогаш нема друга опција освен предвремени парламентарни избори веднаш, на кои граѓаните ќе одлучат за иднината. Ова, како што информираат од владејачката партија е заклучокот на Извршниот одбор на СДСМ кој вечерва одржа состанок.
Во писменото соопштение тие се повикуваат на “огромното мнозинство, над 90 отсто од граѓаните што излегоа на гласање избраа за” и како што наведуваат со тоа порачале дека Македонија треба да го прифати договорот со Грција и да стане членка на НАТО и ЕУ со зачуван македонски идентитет.
“Извршниот одбор оцени дека треба да се искористат сите демократски можности, да им се овозможи на пратениците да го следат гласот на граѓаните и да обезбедат членство на Македонија во НАТО и ЕУ”, наведуваат од СДСМ.
Од партијата информираат и дека извршниот одбор ги овластил претседателот на СДСМ, Зоран Заев, и координаторот на пратеничката група, Томислав Тунтев, да ги преземат сите потребни чекори во насока на подготовка за предвремени парламентарни избори.
“Никој не треба да се надева на амнестија. Станува збор за многу важно прашање, за иднината на земјата, за иднината на граѓаните и фокусот на сите парламентарни партии треба да биде на ова прашање. Се друго е поигрување со иднината и обид за враќање на земјата во изолација и небиднина”, соопштија од СДСМ по состанокот на Извршниот одбор.