Рекорден број жени во САД се кандидираат за јавни функции, со што претстојните државни и национални избори стануваат уште позначајни од претходно. Трката на изборите на 6 ноември е за 435 места во Претставничкиот дом, 35 места во Сенатот, како и за места во 33 државни и законодавни тела во повеќето американски држави.
Само за местата во Конгресот, бројот на жени кандидати значително е зголемен во однос на минатите години, според Центарот за американските жени и политики на Универзитетот Ругтерс во Њу Џерси. За Претставничкиот дом, кандидирани се 239 жени, додека 23 жени се тркаат за местата во Сенатот.
Овие бројки не се земени предвид во однос на зголемениот број жени кои учествуваат во примарните трки оваа година, кога гласачите бираат кои кандидати ќе претставуваат една или друга политичка партија, односно Демократската или Републиканската партија.
Иако и во двете партии се забележува зголемен бројот на жени кандидати, во Демократската партија има најголем пораст, односно од оваа партија кандидирани се повеќе жени од сите други кандидирани жени заедно кои учествуваа на среднорочните избори во 2014 година.
„Ова е рекордна година, без сомнение. Во однос на бројките, ја надминуваме секоја претходна година“, изјави вонредната директорка на Центарот за американски жени и политики, Џин Синздак.
Меѓу 46 земји кои во кои ќе се одржат избори за законодавните тела во ноември, кандидирани се 3.381 жени, мнозинство од Демократската партија, многу повеќе од рекордот од 2016 година кога беа кандидирани 2.649 жени.
Ентузијазмот меѓу жените се одразува и на други начини во политичката трка, вели Синздак: повеќе жени низ целата земја се пријавуваат на обуки за тоа како да спроведуваат политички ангажмани и да научат за различни закони и регулативи за водење кампања. Тоа исто така се рефлектира на собирањето финансиски средства.
Анкетата спроведена од Истражувачкиот центар „Пју“, покажува дека повеќето Американци сметаат оти е добро повеќе жени да бидат кандидирани за јавни функции.
Постојат повеќе причини за порастот на бројот на жени кои се кандидираат во овој изборен циклус, вклучително и изборот за претседател на републиканецот Доналд Трамп.
За време на кампањата во 2016 година, во видео од 2005 година можеше да се слушне како Трамп се фали дека допирал жена за нејзините гениталии без нејзина согласност.
Трамп на претседателските избори во 2016 година ја победи кандидатката на Демократската партија Хилари Клинтон. Еден ден по инаугурацијата на Трамп на 20 јануари, милиони луѓе, повеќето жени, одржаа масовен протест против Трамп во Вашингтон и во други градови.
Синздак вели дека жените исто така биле поттикнати да учествуваат во политичка акција и од движењето „#MeToo“, кога истакнати актерки и други жени од јавниот живот зборуваа јавно дека биле сексуално малтретирани и нападнати од мажи на истакнати позиции.
Движењето резултираше со огорчување во јавноста, присилени оставки и отпуштања, па дури и поднесени кривични пријави против политичари, медиумски магнати, холивудски продуценти, познати личности и други.
Меѓу другите настани кои ги поттикнаа жените да бидат повеќе политички активни во 2018 година, вели Синздак, е контроверзната одлука на администрацијата на Трамп да ги одвои децата од родителите кои нелегално ја поминале границата на САД.
Неодамна, пред Комитетот за правда во Сенатот на САД сведочеше Кристин Бласеј Форд, жената која го обвини за сексуално вознемирување кандидатот на американскиот претседател Доналд Трамп за Врховниот суд, Берт Каванио. Потоа следеше Кавано кој ги негираше обвинувањата. Милиони Американци го следеа телевизиското сведочење.
„Сето ова заедно создаде политичко културно движење кое е дефинирано од фрустрациите на жените за начинот на кои биле третирани од страна на мажите кои имаат моќ“, вели Синздак.