Претставникот на ОБСЕ за слобода на медиумите Харлем Дезир најостро го осуди твитот на ноивнарот на МИА Цветин Чилиманов, кој е и потпретседател на Македонската асоцијација на новинари (МАН), упатен кон дописничката на Фајненшл Тајмс, Валери Хопкинс, која го покриваше референдумот во Македонија.
Заканувачкиот твит на Цветин Чилиманов кон Валери Хопкинс е срамен и неприфатлив. Сите закани кон новинари, особено повиците за насилство кон жени новинарки се неодговорни. Чилиманов мора веднаш да го отстрани твитот, напиша Харлем Дезир на Твитер.
Во меѓувреме, Македонската информативна агенција (МИА) во целост се огради од твитот објавен на социјалната мрежа Твитер, на нејзиниот вработен Цветин Чилиманов. МИА во рамки на своите надлежности ќе ги преземе сите мерки за утврдување на фактичката состојба и зачувување на угледот на Агенцијата, во согласност со законските прописи, се вели во реакцијата од агенцијата.