На денешната владина седница било одлучено да се формира меѓуресорска работна група која ќе предложи модел на реформа на безбедносно - разузнавачкиот систем, потоа има иницијатива да се рестартира Тутунскиот во Куманово, а било разговарано и за нова соработка со Светска банка, соопштуваат од прес службата на Владата.
Со заклучок на денешната седница, Министерот за внатрешни работи треба да достави до Владата Предлог одлука за формирање на меѓуресорска работна група која ќе предложи модел на реформа на безбедносно - разузнавачкиот систем во Република Македонија со План за негово воспоставување.
Владата на Република Македонија ја разгледа и усвои Информацијата за имотот кој припаѓал на должникот Тутунски комбинат “Боро Петрушевски Папучар АД” од Куманово со цел да се испитаат можностите за рестартирање на комбинатот. Надлежните институции, сопствениците на имотот, доверителите треба да се договорат за да може да се создадат услови за продажба на вкупниот движен и недвижен имот на потенцијалните инвеститори.
На владината седница и прифатен и предлогот за Рамковната соработка со Светска банка, односно прифатени се предлог - проекти кои би се реализирале и финансирале со средства од групацијата Светска банка во наведениот период.