Српскиот претседател Александар Вучиќ, на почетокот на денешната средба со рускиот претседател Владимир Путин во Москва, изјави дека се уште е далеку решението за спорот за Косово.
„Состојбата на западниот Балкан е многу сложена. Србија, како држава, секојдневно се соочува со бројни провокации. И покрај нашите напори да постигнеме компромис и да го поддржиме мирот и стабилноста, многу сме далеку од какво било решение за Косово и Метохија“, изјави Вучиќ.
Тој вели дека Србија останува посветена на принципот на воена неутралност, односно дека нема да бара членство во НАТО.
Рускиот претседател изрази задоволство од посетата на Вучиќ и додаде дека „сигурно ќе имаме за што да разговараме во врска со состојбата во регионот“.