Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев најави дека од денеска ќе почнат разговорите со опозицијата за да се дознае дали постои можност за договор. За неколку дена ќе се знае дали постои амбиент за постигнување договор со опозицијата за двотретинско мнозинство кое е потребно за да се изгласаат уставните измени во Парламентот кои произлегуваат од Договорот за името со Грција, рече вчера Заев.
Тој смета дека постои капацитет за одржување предвремени избори кои се, вели, последна опција доколку не се постигне договор. Но, се надевам дека ќе успееме да се договориме. Процесите не може да бидат замрзнати и да стојат на место, работите мора да се движат напред, рече премиерот.
Доколку не се постигне договор и се оди на предвремени избори, според него, изборите ќе се случат брзо, а како термин за нивно организирање го спомна крајот на ноември.