Пратеничката група е монолитна и останува на ставот дека Договорот не доби легитимитет на референдумот, изјави претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски во емисијата Отворено на ТВ Алфа. За предвремени избори вели дека ВМРО-ДПМНЕ е подготвена, но мора претходно да се завршат одредени активности за да се дојде до предвремени избори.
“Имаме Изборен законик. На една од лидерските средби се договоривме дека кога ќе дојде ред за избори 100 дена претходно треба да имаме влада според Пржинскиот модел. Заев ќе се обиде да го прескокне тоа, да толкуваат уставни законски одредби за брзи избори меѓу 45 и 60 дена, но не може да избега од Пржинскиот модел за состав на владата”, вели Мицкоски.
Тој нагласи дека ВМРО-ДПМНЕ ќе инсистира на почитување на договореното, а дека ако тоа не се почитува граѓаните требало да знаат дека има обид за нова масовна кражба на гласовите. Мицкоски ги повтори обвинувањата дека биле украдени 50 илјади гласови на референдумот, како што рече, насилен и девијантен начин се брутално полнети во кутиите.
Претседателот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ вели дека ќе прифати предвремени парламентарни избори само доколку Јавниот обвинител поднесе оставка и биде формирана Анкетна комисија за нерегуларностите на референдумот. Според него премиерот Заев блефирал за предвремени избори. Мицкоски смета и дека процесот за договорот со Грција по вчерашниот референдум е завршен.