Министерството за надворешни работи најостро ги осудува малициозните обиди за ширење лажни вести и децидно ја демантира дезинформацијата дека министерот за надворешни работи на Република Македонија, Никола Димитров, дал оставка, наведуваат во демантот од министерството попладнево.
“Министерот за надворешни работи на Република Македонија, како и досега, така и понатаму, ќе продолжи посветено да работи на европската и евроатлантската иднина на земјата, со цврста верба во решителноста и јасно изразената мнозинска волја на вчерашниот референдум. Во овие клучни времиња за Република Македонија, најмногу од се’ е потребена мудрост, разум и храброст за преземање одлучни чекори за конечно обезбедување иднина за нашите граѓани” пишува во демантот.
Во него се повикува и на одговорност за грубиот фалсификат, кој, како што наведуваат и покрај аматерскиот и крајно очајнички обид за лажно продуцирање на официјален акт на министер во Владата на Република Македонија, прави голема штета со тенденциозното пласирање на една огромна невистина.
Попладнево на социјалните мрежи се појави наводен документ со фалсификуван печат од Министерството за надворешни работи и потпис од министерот, а наводно испратен до премиерот Зоран Заев. Во фалсификувана објава се наведува дека Димитров поднесува неотповиклива оставка од позицијата министер за надворешни работи. Веста ја пренесоа и некои медиуми.