Иванов: референдумот не е успешен, време е за одговорност пред македонскиот народ

Архивска фотографија- Обраќање на претседателот на Македонија Ѓорге Иванов

Народот со негласањето јасно се изјасни против избрзани, наметнати и штетни решенија донесени без претходно постигнат национален консензус, рече попладнево претседателот Ѓорге Иванов. Во обраќањето во претседателската вила тој оцени дека на референдумот одлучило тивкото мнозинство а дека бојкотот бил “гласот на оние кои се потценети и не се слушнати”.

“Реалноста е дека референдумот не успеа. Не се обидувајте да ја измените оваа реалност. Не ја потценувајте суверената волја на македонскиот народ. Не може да се зборува за волја на мнозинството во услови кога не е исполнет законскиот цензус за референдум. 36,9% излезност не е волја на народот, туку 63,1% кои не излегоа. Колку и да извртувате, не можете да ја промените реалноста. А реалноста е дека референдумот е неуспешен. Време е за одговорност пред македонскиот народ” рече Иванов.

Иванов обвини за манипулација со граѓаните и со европски и евроатлантски партнери на кои како што рече им се пласирале лажни претстави и перцепции.

“А на оние кои се мешаат во внатрешните работи на Република Македонија и непринципиелно заземаат страна им порачувам да ги почитуваат меѓународните конвенции за дипломатски односи. Не може оние кои имаат демократски дефицит да наметнуваат решенија спротивни на суверената волја на македонскиот народ” рече Иванов.

Тој додаде дека одлуката на граѓаните обврзува и дека Собранието таа одлука мора да ја почитува. Како граѓанин, рече Иванов,очекувал од владејачкото мнозинство да понесе одговорност за неуспешниот референдум.

Претседателот рече и дека очекувал набљудувачката мисија на ОБСЕ/ОДИХР сериозно да ги земела предвид приговорите околу нерегуларностите на одредени избирачки места.