Бејли: останува на Парламентот да ги преземе следните чекори

Архивска фотографија- Американскиот амбасадор во Македонија, Џес Бејли

САД силно го поддржуваат Преспанскиот договор. Сега по консултативниот референдум останува на Парламентот да ги преземе следните чекори во неговата имплементација, порача денеска американскиот амбасадор Џес Бејли повторувајќи го ставот на Стејт департментот.

“Ние го поздравивме резултатот од консултативниот референдум во кој голем број граѓани се изјаснија „за“ продолжување на патот на Македонија кон НАТО и ЕУ прифаќајќи го Договорот од Преспа. Сметаме дека овој Договор, кој ние силно го поддржавме го отвора патот на македонската иднина во НАТО и ЕУ од што бенефит ќе имаат земјата, граѓаните на земјата, но исто така и регионот, неговиот просперитет, стабилност, и безбедност. Следниот чекор во имплементација на Договорот е на Парламентот. Во овој контекст се надеваме дека лидерите и членовите на Парламентот ќе ги стават настрана политичките разлики и земајќи го предвид поширокиот интерес на земјата ќе го искористат овој историски момент кој ќе помогне да се обезбеди иднината на Македонија во семејството на западните институции, нешто за што луѓето на оваа земја се залагаат уште од независноста на земјата, рече Бејли на новинарско прашање по прес-конференецијата за референдумот на ОБСЕ/ОДИХР и на ПССЕ во Скопје.

Запрашан во врска со цензусот и дали тој е релевантен и го одразува ставот на сите граѓани, Бејли рече дека бројката од 660 илјади гласови политичките лидери треба сериозно да ја земат предвид при одлучувањето за следните чекори во однос на Договорот.

“Гледајќи на одѕивот, она што е важно дека 660 илјади граѓани излегоа да гласаат и го поддржаа Договорот. Имаше број на гласачи коишто не излегоа да гласаат. Некои очигледно бојкотираа, други можеби не се во земјата или, пак, не гласаат. Ако погледнете на просечната бројка на гласачи кои излегуваат на парламентарните изборите во Македонија во последните 20 години, тоа е околу 1,1 милион. Така што, 660 илјади луѓе се мнозинство од тоа. Тоа е значителен број на гласови кои политичките лидери треба сериозно да го земат предвид при одлучувањето за следните чекори во однос на Договорот”, истакна амбасадорот Бејли.

Во однос на можноста за предвремени избори и како тоа ќе се одрази на имплементацијата на Договорот од Преспа, американскиот амбасадор истакна дека тие се фокусирани на имплементацијата на Договорот.

“Што однесува на предвремени избори тоа е работа на Парламентот и на политичките лидери во земјата” , рече американскиот амбасадор Бејли.