Ѕанакопулос:се надеваме дека уставната ревизија ќе заврши успешно

Атина- маж разгледува весници со теми поврзани со референдумот за името, 01.10.2018

Ние од наша страна продолжуваме да ги поддржуваме големите напори на Заев, продолжуваме да ја поддржуваме потребата за зачувување на моментумот на Договорот од Преспа, бидејќи сметаме дека е штета да се изгуби големата шанса за да се реши едно прашање што го измачува Балканот околу 30 години, рече портпаролот на грчката Влада и министер без ресор Димитрис Ѕанакопулос, на денешниот редовен брифинг со новинарите.

Како што јави дописничката на МИА од Атина, во однос на резултатот од референдумот, Ѕанакопулос коментираше дека „заврши со големо преовладување на „За“ и станува збор за позитивна разврска во процесот на ратификација и стапување во сила на Договорот од Преспа“. Сепак, додаде дека она што ги загрижува е малата излезност.

“Зборот сега го има Собранието на ПЈРМ и се надеваме дека иницијативата на Владата на господинот Заев за уставна ревизија ќе заврши успешнo”, рече Ѕанакопулос.

Прашан за временските рокови, портпаролот на грчката Влада објасни дека е можно да постои мало доцнење, но истакна дека за грчката страна клучното прашање не е да се запазат временските рокови, туку клучна е суштината односно да се исполнат предусловите за договорот да дојде за ратификација во грчкиот Парламент.