За неколку дена ќе се знае дали постои амбиент за постигнување договор со опозицијата за двотретинско мнозинство кое е потребно за да се изгласаат уставните измени во Парламентот кои произлегуваат од Договорот за името со Грција, изјави денеска премиерот Зоран Заев на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство на свечен час по повод новозапишаните студенти.
Заев рече дека постои капацитет за одржување предвремени избори кои се последна опција доколку не се постигне договор.
„Се надевам дека ќе се договориме. Процесите не можат да бидат замрзнати и да стојат на место, работите мора да се движат напред“, рече Заев.
Тој додаде дека изборите ќе се случат брзо доколку не се постигне договор, односно до крајот на ноември, како што наведе и вчера по завршувањето на гласањето за референдумот.