На 30 септември граѓаните на поранешната југословенска Република Македонија имаа можност да гласаат за иднината на нивната земја. Во мирно и демократско гласање, мнозинство од оние што го оствариле правото на глас рекоа „да“ за Преспанскиот договор за името и нивниот европски пат, велат во заедничка изјава високата претставничка на Европската унија Федерика Могерини и еврокомесарот за проширување Јоханес Хан.
„Парламентот сега ќе биде повикан да продолжи со следните чекори за имплементација на спогодбата со одлука за усвојување на уставните измени“, се вели во заедничката изјава.
Ова е историска можност, не само за помирување во регионот, туку и за решително поместување на земјата напред на патот кон ЕУ, се вели во изјавата.
„Исто така сега сите политички и институционални чинители треба да дејствуваат во рамките на своите уставни надлежности, надвор од партиските политички линии. ЕУ ќе продолжи целосно да ја поддржува и придружува земјата, нејзините институции и нејзините граѓани“, се вели во заедничката изјава на Могерини и Хан.