Слабата излезност - порака до партиите на власт

Графика од референдумот

Државната изборна комисија соопшти дека на референдумот гласале 36,91 отсто од граѓаните. И додека клучните надворешни сојузници ги поздравија резултатите од референдумот, за политичките аналитичари слабата излезност е сериозна порака до СДСМ и ДУИ и своевидна казна за политиките што ги водат.

Државната изборна комисија ги објави резултатите од вкупно обработени 100 проценти од избирачките места, кои покажуваат дека на гласање излегле 666.743 гласачи односно дека излезноста била 36,91 проценти. На референдумското прашање гласале „за“ 91,46 проценти или 609.813 граѓани, а против се изјасниле 5,65 проценти или 37,700. Неважечки биле 2,89 проценти од гласачките ливчиња.​

Премиерот Зоран Заев синоќа изјави дека гласот на тие што гласале на референдумот е сериозен влог во иднината на Македонија и дека сега е време пратениците да го следат гласот на народот изразен на референдумот. Тој порача дека доколку не се обезбеди мнозинство од 80 пратеници, опцијата што останува се предвремени избори што е можно поскоро. Заев додаде дека нема намера да поднесе оставка туку како рече „да ја однесе Македонија во Европската унија и во НАТО“.

За опозициската ВМРО-ДПМНЕ, пак, процентот на излезност е „победа на народот“.

Во своето обраќање до јавноста, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски изјави дека договорот не доби зелено светло, туку стоп од народот. Според него, народот покажал патриотска свест, а оние кои гласаа 'против' и оние кои апстинираа ја испратиле најгласната порака - дека ова е Македонија.

Слабата излезност - револт кон владејачките партии и нивните политики.

За политичките аналитичари слабата излезност на референдумот е силна порака до партиите на власта, СДСМ и ДУИ.

„Тоа е силна порака и за Заев и за неговата политика, но и за Ахмети и неговата политика. Сите гласови коишто вчера се обезбедија даваат комодитет на коалицијата на власт, но треба сериозно да се загрижат каде се оние 150 до 200 илјади гласови коишто недостигаат објективно. И од друга страна никако не смеат оние од ВМРО-ДПМНЕ да си препишуваат дека во овој момент имаат 1.1 милиони поддржувачи, тоа е далеку од разумот", изјави универзитетскиот професор Никола Дујовски.

Скоро идентичен став има и политичкиот аналитичар Џељал Незири.

Голем дел од граѓаните вака одлучија преку негласањето на референдумот да ги казнат политичките партии на власт, од различни причини. Од неиспорачување на ветеното, па до тесно-партиските интереси кои ги имаат, а се однесуваа на вработувања, тендери и така натаму“, вели политичкиот аналитичар Џељал Незири.

Слабата излезност и кај албанското гласачко тело покажува дека гласачите на ДУИ бојкотирале, како што е примерот со Гостивар каде што според Дујовски гласачите на ДУИ речиси и да не гласале. Во мешањето на гласање за историски важна одлука со гласање на избори, политичкиот аналитичар Џелаљ Незири ја гледа причината за слабата излезност на референдумот.

„Ако се гледаат гласањата по општините и местата кои се сметаа за бастиони на одредени политички партии, особено на опозициските, може да се примети дека таму или не успеале да ги мобилиизраат нивните поддржувачи да гласаат или пак се одело на пасивен бојкот и на тој начин можеби сметале дека ќе се реваншираат на неуспешните преговори со премиерот да бидат дел од власта“, заклучува Незири.

Mеѓународната јавност ги поздрави резултатите од референдумот

Во меѓувреме резултатите од вчерашниот референдум ги поздравија Стејт департментот и генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг.

„Во периодот што следи кога македонското Собрание ќе почне расправа за уставните измени, ги повикуваме лидерите да се издигнат над партиската политика и да не ја испуштат историската можност да обезбедат светла иднина за земјата, како полноправна членка во западните институции“, се наведува во соопштението од Стејт департментот.

Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг пак на својот твитер профил напиша:

„Го поздравувам гласот „за“ на референдумот во Македонија, итно ги повикувам сите лидери и партии да се ангажираат конструктивно и одговорно за да ја зграпчат оваа историска прилика“.

Со реакција се јави и грчкото МНР. Во соопштението се вели дека Грција ќе го почитува изборот на граѓаните од соседната земја, односно дека Грција одблиску, но со соодветна дистанца, ги следи случувањата“, а исто така, „останува обврзана кон Договорот од Преспа“.