Заев - Ако не обезбедиме мнозинство во Собрание, ќе одиме на избори

Време е пратениците да го следат гласот на народот изразен на референдумот, но доколку не се обезбеди мнозинство од 80 пратеници, опцијата што останува се предвремени избори што е можно поскоро, изјави премиерот Зоран Заев на еден час пред полноќ, по завршувањето на референдумот.

Тој им се заблагодари на сите што гласале, без разлика каков глас дале, а им се заблагодари и на членовите на ВМРО-ДПМНЕ што гласаа. Гласот на тие што гласаа денеска е сериозен влог во иднината на Македонија, вели Заев.

„Сега кога имам мнозинска волја за европска Македонија, време е пратениците да го следат гласот за да ги забрзаме процесите за НАТО и ЕУ и да обезбедиме европска иднина. Сите политички партии да му се приклучат на процесот и да гласат, сите одговорни лидери, секој пратеник да се обединиме и да ја одведеме земјата во ЕУ и НАТО“, вели Заев.

Тој вели дека сите знаат оти подобар договор нема и не може да има, а знаат и, како што вели, дека нема алтернатива.

„Да не се играме играчки, да не се играме со иднината, да ги ставиме нашите интереси настрана, националните интереси се над сè, оваа прашање е поголемо од сè и од нашите партиски интереси, имаме обврска да ја направиме Македонија подобро место, во спротивно друго што преостанува се предвремени парламентарни избори, веднаш“, рече тој.

Заев вели дека сега не знае колку пратеници во Собранието би гласале „за“, но знае дека требаат 80 пратеници. Смета дека изборите не се неопходни, па затоа ќе се обидат да обезбедат мнозинство, но ако нема, веднаш ќе се оди на избори, дури би можело и до крајот на ноември да се одржат.

Немам намера да поднесам оставка туку напротив да ја однесам Македонија во Европската унија и во НАТО одговори премиерот Заев на прашањето дали ќе си поднесе оставка оти излезноста на референдумот не е постигната.