На еден час пред затворање на гласачките кутии, МВР информира за седум попречувања на гласањето на неколку избирачки места. Во текот на денот од полицијата соопштија за уште 13 инциденти за време на гласањето.
Во СВР Скопје било пријавено дека во село Горно Коњаре, скопско, набљудувач враќал луѓе кои оделе на гласање.
Во Полициската станица Берово женско лице телефонски пријавило дека околу 11:30 часот пред влезот на гласачкото место број 8 во село Будинарци, беровско, имало симпатизери на политичка партија кои вршеле притисок и ги спречувале граѓаните да гласаат, а исто така и неа вербално ја навредувале.
Во СВР Охрид било пријавено дека во 15:30 часот на гласачките места на улица „Марко Цепенков“ во Охрид биле забележани две лица како неовластено фотографираат гласачи. Во врска со настанот во Полициската станица Охрид е извршен разговор со Б.Л.(41) со живеалиште во Австралија.
Во Полициската станица Свети Николе било пријавено дека во времето од 8 до 9 часот во село Лозово, пред штаб на политичка партија, Б.Ц. претседател на општинскиот комитет на партијата, го запрел и фотографирал лицето С.З. кое одело на гласање.
Во СВР Струмица било пријавено дека на каналот YouTube биле објавени снимки од гласачкото место 17:30 во основното училиште „Никола Вапцаров“ во Струмица. По преземени мерки било констатирано дека снимката била направена од акредитирани новинари.
Во 15:20 часот, Х.Б. пријавил дека на гласачко место во средното училиште „Лазар Танев “ од страна на лицето А.А., домашен набљудувач, била фотографирана И.Ѓ. А.А. е приведен во Полициската станица Карпош за понатамошна постапка.
Во СВР Штип било пријавено дека на гласачкото место 2247 во основното училиште „Димитар Влахов“ во Штип, Ф.Д.(неписмено лице) гласала со помош на Д.Г. По ова, нејзиниот сопруг Џ.Д. ѝ го скинал гласачкото ливче, по што бил приведен.