Излезноста на граѓаните на денешниот референдум до 17 часот е 29 отсто од вкупно запишаните во Избирачкиот список или 521илјада граѓани, соопшти претседателот на ДИК Оливер Деркоски, на прес-конференција.
Претседателот на ДИК рече дека триесеттината приговорите што биле доставени до Комисијата, се отфрлени, оти немало основа да ги прифатат.
„Се работеше за луѓе што не се нашле на избирачкиот список, меѓутоа не ни можеле да се најдат, тие или менувале лични документи, или не поседувале важечки лични исправи, што значи дека немаат основ да бидат на избирачкиот список“, рече Деркоски.
Тој вели дека денот се одвива во мирна и демократска атмосфера, со одредени исклучоци.
„Но главно сликата за денешниот ден е добра и сметам дека така треба и да продолжи и да не се дозволи да се наруши целата слика за овој ден. Сè зависи од граѓаните на Република Македонија, но сè зависи и од изборните органи кои не треба да дозволат какви било нерегуларности во овој процес“, рече Деркоски на прес-конференција.
Кривична пријава за момчето кое нападна полицајци пред гласачко место во Ново Лисиче
За референдумот посебна канцеларија отвори и Основното јавно обвинителство. Од таму соопштија дека кривично ќе се гони момчето кое нападна тројца полициски службеници во дворот на основното училиште „Лазо Ангеловски“ во Ново Лисиче за време на гласањето. Од МВР го известилe Обвинителство за ова дело, изјави денеска обвинителот Џелал Бајрами. Тој вели дека на веб страницата на ОЈО пристигнале десетина пријави за нарушување на избирачкото право, но дел од нив, како што рече, не се во доменот на Обвинителството.
Набљудувачите регистрирале неколку технички проблеми
Од граѓанската асоцијација МОСТ соопштија дека нивните набљудувачи јавуваат за неколку технички проблеми. Тие забележале дека на гласачи им било дозволено да гласаат без да бидат проверени во Избирачкиот список, или без да се потпишат во списокот. Имало и гласачи кои ги немало на списокот за гласање, на едно гласачко место не го користеле печатот на гласачките ливчиња, а на друго гласачко место погрешно биле скинати избирачките ливчиња.
Од невладината Цивил – Центар за слобода, јавуваат за нерегуларности и несоодветно однесување на некои набљудувачи. Претседателот на организацијата, Џабир Дерала, вели дека е забележано, како набљудувачите се однесуваат некоректно кон гласачите. Тие забележале и дека на гласачки места не работи УВ ламбата, гласачи што ги нема на Избирачки список, име на починат го имало на списокот, забележани и лица без легитимации кои запишуваат кој доаѓа да гласа, читање на гласа на гласачи, имало и членови на избирачки одбори кои не се придржуваат до процедурите за гласање.