Референдумскиот процес во општините Дебар и Центар Жупа се одвива без проблеми со зголемена излезност во попладневните часови.
Претседателката на општинската изборна комисија во Дебар, Елмира Бакали, информира дека излезноста на референдумот до 15 часот е 22,5 отсто.
Според неа, правото на глас до 15 часот го искористиле 4.138 лица од вкупно запишаните 18.318 гласачи.
Во оваа општина се гласа на 27 избирачки места.
„Во општина Центар Жупа до 15 часот гласаа 1.066 лица или 16 отсто од вкупно запишаните 6.686 граѓани. Гласањето се одвива непречено. Во доцните попладневни часови очекуваме поголема излезност“, изјави Еран Зубер, претседател на ОИК-Центар Жупа.
Во оваа општина се гласа на 16 избирачки места.
Избирачките места во двете општини биле посетени од претставници на мисијата на ОБСЕ/ОДХИР, како и невладината организација „Мост“.