Граѓанската асоцијација МОСТ денеска соопшти дека одѕивот на гласачите до 13 часот на референдумот е 16 отсто, со маргина на грешка од +/- 0,32 отсто.
МОСТ наведува дека од набљудувачите и регионалните координатори на МОСТ добиени и потврдени се неколку информации за неколку за технички проблеми.
На гласачко место во општина Демир Капија, на гласач му било дозволено да гласа без да биде проверен во Избирачкиот список. Повикана е ОИК, по што е направен записник во кој е констатирано дека ќе има повеќе ливчиња од потписи во списокот, наведува МОСТ.
На гласачко место во крушевското село Пуста Река на осум гласачи им било дозволено да гласаат без да се потпишат во Избирачкиот список. Грешката е увидена од страна на ИО, направен е записник за случајот, повикана е ОИК, а гласањето продолжило, посочува МОСТ.
На гласачко место во Чаир, осум гласачи не можеле да се пронајдат во Избирачкиот список, иако тврделе дека се регистрирани во електронската форма на ИС, додека во општина Аеродром, тројца гласачи не можеле да се пронајдат ниту во изводот од Избирачкиот список, ниту на веб-страницата, истакнува МОСТ.
Граѓанската асоцијација посочува дека на гласачко место во село Голозинци, општина Чашка, ИО не удрил печат на четири гласачки ливчиња. ОИК дала инструкција случајот да се внесе во записник.
На гласачко место во гостиварско Чајле, избирачкиот одбор откинал 33 ливчиња од кочанот заедно со серискиот број. Направен бил записник за случајот, додава Граѓанската асоцијација МОСТ.