Велика Новевска од општина Новаци на 91 година излезе да гласа. На гласачкото место таа се појави заедно со снаата која пак со штаки дојде на гласање зашто ја имала повредено ногата.
„За години не прашувајте, деведесетката ја заминав, но должност ми е да си го остварам своето гласачко право. Гласаме и за помладите и за нас да биде добро“, рече баба Новевска.
Новаци е една од општините со најголема површина во Македонија, но се вбројува и меѓу оние со најмалкубројно население. На површина од 753 километри квадратни има 2977 гласачина 23 избирачки места. Најоддалечени се гласачките места во Мариово и тоа во селата Будимирци, Градешница и Старавина каде има уште по десетина до дваесет жители.
„Во Новаци навреме беа отворени сите избирачки места, гласањето тече без проблеми, нема никакви забелешки. Малку е покомплицирано имајќи го во предвид теренот во општината, распротстранета е на голема површина и разни географски предели, но со добра организација немавме проблеми во транспортот на материјалот и отворањето на местата за гласање“, рече Стевче Стефановски, претседател на ОИК во Новаци.
Излезноста во Новаци до 13 часот беше 13 проценти.
Соседната пелагониска општина Могила од ДИК ја посочија меѓу општините со најмала излезност до сега. Таму до 13 часот гласале 7,04 проценти од 5385 гласачи. Се очекува процентот да се зголеми во попладневните часови зашто ова е рурална општина, па претпладне жителите работат по нивите.
Во Битола пак излезноста во 13 часот беше 16,7 проценти.